Студијата за однесувањето поврзано со здравјето кај децата од училишна возрасHBSC international homepageт (HBSC – Health Behaviour in School Aged Children Study)  e меѓународна  лонгитудинална студија која се спроведува  секоја четврта година, во 51 земја од Европа, Северна Америка, Канада и Русија, во соработка со Светската здравствена организација (СЗО). Иницирана во 1982 година, од три земји  (Англија,  Финска  и  Норвешка),  студијата  прераснува  во  главен  извор  на  податоци  за здравјето на младите од Европа.

Цел на студијата е стекнување нови увиди и подобро разбирање на однесувањето на младите, нивното здравје и добросостојба, поврзано со социјалните контексти во кои живеат: семејство, училиште, врсници и социо-економски статус. Во рамки на HBSC студијата на здравјето му се приоѓа во најширок смисол—како емотивна, физичка, биолошка и социјална добросостојба—не само како состојба на отсуство на болест. На здравјето се гледа како на главен ресурс на животот и претпоставка за добросостојба и квалитетен живот на човекот во заедницата. Оттука, здравјето сè почесто се зема како мерка за развој на заедницата, за намалување на сиромаштијата,    социјалната нееднаквост и дискриминацијата, но и како знак на поврзаност, разбирање и соработка меѓу луѓето. Податоците од студијата, меѓу другото, продонесуваат кон  развојот  на  поефикасни  политики  и  практики  за  унапредување  на  состојбите врзани со здравјето на младите, на национално и меѓународно ниво.

Истражувањето се  спроведува  со стандарден прашалник што го изготвуваат и користат сите земји членки. Со добиените податоци се спроведуваат меѓународни компаративни анализи, како и национални студии за однесувањето, факторите на ризик, трендовите и контекстите поврзани со здравјето на младите. Во рамки на меѓународната мрежа работат повеќе работни и фокус групи, директно врзани со темите опфатени во прашалникот.

Историја на студијата во Република Северна Македонија

Истражувањето за однесувањето поврзано со здравјето кај децата на училишна возраст (11, 13 и 15 години)  во  Република  Северна Македонија,  го  спроведува  истражувачки  тим,  со  кој  раководи главен истражувач. Првото македонско истражување е спроведено во 1998 година, а потоа следеа  и  истражувањата  во  2002,  2006, 2010, 2014, 2018 и 2022  година.  Со  сите  досегашни  истражувања (секое со примерок од околу 5000 ученици, до 1800 во секоја возрасна група, со два наставни јазика, македонски и албански), во својство  на  главен  истражувач  раководеше  м-р  Лина  Ќостарова  Унковска,  од  Центарот  за психосоцијална и кризна акција.

Истражувањето во Македонија ги следи однесувањата и животниот стил на децата и младите во различни и променливи животни услови, споредувајќи ги со децата од другите региони во светот, во крос-национални, компаративни анализи на податоците. Студијата ја истражува улогата на семејството, врсниците и заедницата во градењето на здрави животни стилови, поттикнувајќи го интердисциплинарниот приод кон здравјето како целина од поврзани фактори на влијанија. Истражувањето се бави и со детерминантите на ризичното однесување кај децата и младите во Северна Македонија, придонесувајќи кон креирање на поефикасни и порелевантни политики, стратегии и програми за заштита и унапредување на нивното здравје, што е од особена важност во контекст на зголемена социјална, економска и политичка нестабилност во Р. Северна Македонија. Со дисеминација на резултатите истражувачкиот тим има за цел да го поттикне дијалогот помеѓу истражувачите и креаторите на политики, за навремено поставување и следење на националните приоритети поврзани со здравјето на младите.