Децата и младите учествуваат, поврзуваат и порачуваат

20 години од студијата ХБСЦ во Северна Македонија  (2002 -2022)

Почитувана г-ѓа Ѓеоргиевска, почитувани гости,

Со ова обраќање сакаме да ги пренесеме пораките од децата од 11, 13 и 15 години кои призлегоа од работилниците одржани со ученици од 6 основни и средни училиштата од државата, од кои можевте да  видите инсерти во видео материјалот.

Во оваа прилика сакаме најпрво да им се обратиме на нашите родители, бидејќи тие ни ги даваат воспитанието и нашите први сознанија за светот и играат многу важна улога во нашите животи бидејќи тие највеќе (заедно со професорите) нѝ помагаат при креирањето на нашиот личен идентитет.

Потоа, сакаме да им се обратиме на нашите професори, бидејќи училиштето  е нашиот втор дом и тие нѐ подготвуваат за понатамошниот живот. На крај, сакаме да им се обратиме на политичарите, бидејќи тие го прават и треба да го усовршуваат нашиот образовен систем преку кој го стекнуваме нашето знаење и се подготвуваме за нашиот понатамошен живот.  

Пораки до родителите

Би сакале да им порачаме на родителите дека е најважно да нѐ разберат (бидејќи кога ние се соочуваме со каков било проблем најпрво се обраќаме до нив), да нѐ поддржат и со совет да нѝ помогнат како да постапиме во некоја ситуација кога имаме каков било проблем. Сакаме со нив да се чувствуваме безбедни и сигурни без никаков срам или каков било страв да ги споделиме нашите искуства и проблеми.

Важно ни е да нѐ сфатат и да ги земат предвид нашите чувства и потреби во врска со училиштето и секојдневниот живот. Сакаме да имаме доверба во нив и отворена комуникација за да не се чувствуваме осамени, туку поврзани. Ние сме цело време под некаков вид константен стрес за да ги направиме нашите родители горди и многу може да ни го наруши нашиот морал кога тие нѐ караат за училиштето наместо да нѐ мотивираат, бидејќи со тоа тие нас уште толку нѐ обесхрабруваат.

Многу родители не можат да разберат дека ова е нова средина за нас и дека ќе ни треба извесен период да се навикнеме на новите професори, стресови, учење и единственото нешто што ни треба од нив во овој период е целокупна поддршка и помош која тие можат да ни ја дадат.

Пораки до наставниците

Би сакале модерна и интересна настава која ќе нѐ мотивира на успех и ќе го направи училиштето место во кое ќе сакаме да одиме, во кое ќе бидеме вклучени и нашето мислење ќе биде земено предвид. Наставните содржини да бидат прилагодени на новото време и современите  потреби  на младите. Исто така, сакаме професорите да не се држат до начини на предавање кои се точни, но многу покомплицирани за разбирање за нас. Предметот кој тие го предаваат е еднакво важен со другите, но можеби е потежок за разбирање и ние не можеме да постигнеме и бараме од нив да нѝ дадат втора шанса секогаш, за да можеме ние да се подобриме и докажеме.

Би сакале наставниците да имаат еднаков пристап кон сите ученици, кон девојчињата и момчињата, да се грижат за сите ученици подеднакво и со внимание,  прифаќајќи ги такви какви  што се. Би сакале наставниците да разберат дека сите деца имаат различни интереси и таленти, кои тие треба да ги препознаат и поддржат.

Пораки до политичарите

Нашата порака до политичарите е да обезбедат заштита за сите деца и закони со кои ќе се подобри нашето образование. Децата без државјанство, децата со попреченост, децата кои долго боледуваат, кои се надвор од училиштата или пак немаат пристап до училиште, треба да ги имаат истите можности да учат и напредуваат, како и ние.

Да се осовременат просторите за учење и спортските сали, а за секое дете да се обезбеди бесплатен пристап до спортски, уметнички и различни рекреативни активности кои го намалуваат стресот и го подобруваат нашето ментално и физичко здравје. Да се подобри хигиената во училиштата и да се воведат закони кои ќе ја штитат животната средина од загадување. Сакаме да имаме чист воздух и чиста околина.

Да се смени почетокот на училишниот ден, бидејќи сонот е многу важен за децата. И конечно, да разберат дека и менталното здравје е многу важно за децата и младите.

Сакаме да им се обратиме и на нашите врсници:

Ние треба да бидеме социјализирани и да не се срамиме да си го искажеме својот личен став и мислење. Да се посветиме на учењето, бидејќи тоа ќе ни донесе напредок. Да учиме да ја чуваме природата и да се трудиме да сме подобри личности.

Многу од нас учениците кога имаме проблеми си ги чуваме за себе, па дури и со нашите родители не ги споделуваме од некаков страв или срам, но секогаш имаме на кого да се обратиме. Тоа е стручната служба која е присутна во секое училиште. Таа не е таму за само да спроведе мерки за непослушни ученици, напротив, таа може да му помогне на секој ученик за каков било проблем кој го има и да го советува како треба да постапи.

Ви благодариме за оваа прекрасна прилика да ги споделиме нашите лични мислења од гледна точка на еден ученик, и се надеваме дека ви се допадна и дека успеавте да разберете како ни е нам, на децата и младите од 11-15 години.

Алтина Љабеништи, 15 години, средно училиште Ибраим Темо во Струга и

Даријан Цингарски, 15 години, средно училиште Орце Николов во Скопје

24.11.2022          

За албански јазик следете ја оваа врска: https://www.mkhbsc.com/2024/06/26/femijet-dhe-te-rinjte-marrin-pjese-lidhen-dhe-porositin-2/


Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *