Центарот за психосоцијална и кризна акција (ЦПКА)-Малинска и тимот на Студијата „Однесувања поврзани со здравјето на децата на училишна возраст (ХБСЦ)“ за Северна Македонија иницираат платформа за комуникација и акција во насока на поддршка на училиштата, родителите, образовните институции и локалните заедници за образование во услови на пандемија.
Оваа платформа има за цел да ги активира знаењата, искуствата и вештините на експерти и практичари кои имаат визија за безбедно инклузивно образование во нашата земја кое се потпира на научни сознанија, интегритет, соработка и активира разновидност од ресурси.
Водени од сознанијата за тоа што значи криза на лично, општествено и глобално ниво, како и за незаменливата улога на училиштето во целокупниот развој на децата и младите, ги дефиниравме следните седум начела на кои ќе се базира оваа платформа и колаборативно ќе се планираат соодветни акции за поддршка.
1. Осетливост на образовниот систем за новите потреби – Ова е време на долготрајна и повеќекратна криза и решенијата за образованието мора да се носат заеднички и мултидисциплинарно. Кризата е рамка што нуди услови за радикални и за многу подобри системски решенија од вообичаените. Одговорот на кризата мора да биде нов, креативен и прогресивен, за да стане дел од решението на кризата наместо нејзино продлабочување. Потребни се нови алатки, преструктурирања и нови организациски обрасци, кои ќе можат да се градат постепено и во од, но и со препознавање на постојните ресурси што можат да се надградуваат.
2. Училиштата и локалните заедници се клучните ресурси во услови на криза – Училиштата се главниот извор на информации и идеи како да се дојде до решенија. Иако не се сите еднакво опремени и подготвени да се видат себеси како активни учесници во промените и да се вклучат во процесот, секое училиште треба да биде вклучено во процесот. Затоа понапредните, доколку се охрабрат и има кој да ги чуе, со своите добри практики можат да станат модели за следење за другите. Во процесот нема компетитивност, критицизам, туку соработка, размена и инклузивност, што се потпираат на знаења, интегритет и умешности.
3. Решенија во склад со потребите на секое училиште и локална заедница – Нема да има едно решение или модел на спроведување на наставата што би бил еднакво добар за сите училишта, дури ни на ниво на протоколите, кои мора да се спроведуваат секаде, но не и секаде еднакво. Безбедноста на децата останува највисокиот приоритет, но одговорот ќе зависи од степенот на заканата, како и од успешноста на заедницата да се консолидира и да одговори на предизвикот, со сите расположливи ресурси. И во изборот на обликување на наставата, како и во користењето наставни средства и технологија, училиштата, според своите можности, би требало да одлучуваат во колкав процент наставата ќе се одвива со физичко присуство, а кога и каде да се вклучат онлајн предавања. Решенијата ќе бидат различни, со идеја да се групираат во 5-6 модели, кои понатаму ќе се следат.
4. Флексибилност во пристапот – Училиштата, родителите, децата и заедницата ќе треба да научат да прифаќаат флексибилни наспроти конечни решенија, како во одлуките што ќе се менуваат во зависност од околностите, така и во можностите училиштата да минуваат од една во друга фаза на заштита, дури и во ситуации на нивно повторно затворање или отворање.
5. Повеќенасочна и ефикасна комуникација меѓу сите засегнати страни – Надлежните институции треба да се охрабрат да ги чујат училиштата, наставниците, учениците и родителите, што бара сосема поинаква поставеност на комуникацијата, низ повеќе комуникациски канали што ќе функционираат вертикално и хоризонтално. Со тоа и одговорноста за ефикасноста во справување со кризата, соодветно на учеството ќе ја делат сите учесници.
6. Формирање кризни тимови во училиштата – Раководствата на училиштата треба да бидат зајакнати со обучени кризни тимови од по 4-6 члена, составени од наставници, стручна служба, родители и ученици, кои треба да покажат интегритет, посветеност во работата, висок степен на етичност, одговорност и грижа за другиот. Кризниот тим на ниво на училиште има јасно дефинирана цел и задачи, а на дневна основа ќе одговара на сите новонастанати ситуации, во текот на промените. Овие тимови ќе имаат одговорности, но ќе мора да имаат и надлежности, поголеми од оние што досега ги имаа директорите.
7. Учество на родителите – Родителите се клучниот момент во функционирањето на образование во криза, со комбинирана, скратена и репрограмирана настава. Тие ќе мора активно да бидат вклучени во неговата реализација, од самиот почеток. Формите на учество на родителите можат да бидат најразновидни, од учество во редовните школски активности на децата, нивното слободно време, до советодавни и други помошни функции.
Ве покануваме на нашава страница да учествувате во оваа размена со споделување на вашите размислувања, дилеми, прашања, стручни наоди и предлози за квалитетно и инклузивно образование во услови на пандемија. Примери на добра пракса се добредојдени, за да можеме да учиме едни од други.
Во прилог на инспирација на оваа размена на идеи и размислувања можете да ги прочитате досега објавените текстови на Маја Цветаноска, Мирјана Најчевска, Лина Ќостарова Унковска и Тамара Ќупева.
Напишете коментар