Драги гости и пријатели на Студијата (ХБСЦ) за здравјето на децата во Северна Македонија, почитувани Министри,
Дозволете ми да изразам голема благодарност на Првата дама проф. Елизабета Ѓеоргиевска на честа да бидеме денес нејзини гости, а по повод јубилејот 20 години од студијата ХБСЦ во нашата земја и 40 години од нејзиното основање во Европа. Благодарност и до сите Вас што сте денес тука.
Јубилејите се за одбележување на постигнaтото, но и за потсетување на предизвиците во развојот на една идеја, која по многу нешта била значајна тогаш, како и денес… за конечно да дојдеме до за нас неверојатниот момент „сега и овде“, 20 години потоа.
Пред точно четири децении, тројца истражувачи од Британија, Финска и Норвешка, на меѓународен конгрес, во неформален разговор, ја заговараат темата за здравјето и добросостојбата на децата и како таа да се истражува сеопфатно, во континуитет и компаративно, во повеќе земји истовремено, притоа имајќи ги предвид децата од раната адолесценција – ретко проучуван период – во различни животни контексти, вклучувајќи ги тука културните, социјалните и политичките влијанија врз нивните однесувања и навики поврзани со здравјето.
Тогаш, во далечната 1982г., тие тројцата и немале претстава дека нивната идеја ќе прерасне во студија од ваков обем – гигант – база на податоци од растечки број земји што попатно ќе ѝ се приклучуваат, станувајќи дел од огромната интердисциплинарна мрежа на истражувачи на темата здравје и добросостојба на децата од училишна возраст. Во моментот таа брои 51 земја со преку 400 истражувачи, практичари и креатори на политики во здравствената, образовната, социјалната и културната сфера.
Набргу по формирањето во 1982г., студијата се поврзува и со СЗО, која ќе ја води на патот на нејзината меѓународна афирмација и промоција. Дваесет години потоа, доаѓаме и ние во 2002г., со изборот и именувањето на Република Македонија во рамноправна членка на меѓународната асоцијација ХБСЦ.
Она што денес го одбележуваме е резултат на учеството на повеќе тимови истражувачи и поддржувачи на Студијата во изминатите 20 години. Среќни сме и возбудени што голем дел од вас се тука и денес со нас.
Сѐ започна на Институтот за психологија, на Филозофскиот факултет во Скопје, во 1997 година, кога со тим соработници и со помош на студентите, направивме пилот истражување, со чии резултати потоа и аплициравме до меѓународната асоцијација ХБСЦ. Тоа беа нашите први чекори со проф. Виолета Бешка, Венка Симовска, Нина Кениг, Емилија Георгиевска, Теодора Маневска и тогаш апсолвентите Катерина Наумова, Aна Ѓориќ, Кристина Егуменовска, Жанета Чонтева, Дејан Атанасов, кои останаа соработници на Студијата и по своето дипломирање, а дел од нив и како вработени во Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска, која во меѓувреме ја презеде студијата и ја изведе до нејзината 20-годишна возраст.
Сакам тука да истакнам дека сето ова беше во времето на втората половина на 1990-тите, време на наплив од нови идеи и визии за образованието и образовните политики по мерка на детето; за новата улога и позначајно место на училиштето во општеството, и во процесите на промени, вклучително и во грижата и унапредување на здравјето.
Концептите за компетентноста за акција и учество на учениците, за јакнењето на демократските капацитети на училиштата и вмрежувањето на сите училишта во земјата, за заемна поддршка и размена, беа главните идеи на проектот „Училишта што го унапредуваат здравјето“, под раководство на Бирото за развој на образованието.
Да се отпочне со истражувачки проект за здравјето на децата во таков амбиент беше големо задоволство и предизвик, но и нужност. Бирото за развој на образованието, со Митко Чешларов и Елизабета Ламева, беше меѓу првите што ја препозна и поддржа идејата, како и ја овозможи реализацијата на Студијата во македонските училишта, со голема поддршка и од СЗО во тој период.
Значајна улога одиграа и Министерството за образование и наука и Министерството за здравство на Република Македонија, кои во повеќе циклуси ја презедоа логистиката и комуникацијата со училиштата.
Подоцна, значајна поддршка даде и Институтот за јавно здравје со проф. Елена Ќосевска и истражувачите Блашко Касапинов и Бисера Рахич, како и нивните студенти.
Во целиот изминат период, дом на студијата беше и остана Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска, кој покрај истражувачките капацитети, ја обезбедуваше и главната организација, логистика и комуникација со училиштата. На самите нејзини почетоци тука беа: Даниела Адамова, Филип Бабамов, Сафета Радмиловиќ, Нуран Кадриу и други.
Во Студијата активно учествуваше и Државниот универзитетот во Тетово, со Шерузе Османи Балажи, која во меѓувреме магистрираше, докторираше и израсна две деца, а тука беа и Бехаре Касами и нивните студенти. Од истата академска средина, во актуелниот тим на ХБСЦ му пристапуваат и доцент Љуљета Османи и проф. Ибраим Незири, кој во последниот циклус во 2022г., успеа да го приспособи и внесе прашалникот на универзитетскиот софтвер, и да го направи достапен на 5.500 ученици во 147 училишта низ земјата. Со тоа за првпат годинава реализиравме електронско прибирање на податоците, за што сме особено горди.
Со посветеност, истражувачко љубопитство и отвореност за нови предизвици, на новиот тим ХБСЦ му пристапуваат и: проф. Калина Сотироска од Институтот за психологија, како и искусните практичари од базата, училишните психолози, Ана Попризова и Иван Христов, покрај Маја Цветаноска, вистински застапници на децата и нивните права. Со сите нив, овој тим останува силна потпора на студијата во Северна Македонија, за во иднина.
Студијата го проучува здравјето на децата во најшироката смисла на зборот, како целина од физичко, емоционално, социјално и духовно здравје, поставувајќи го меѓу највисоките приоритети на една заедница. Здравјето не како отсуство на болест, туку како главен ресурс на животот. Покрај СЗО, тоа го препознаваат и УНИЦЕФ, Градот Скопје, Коалицијата Маргини и УНФПА, нашите долгогодишни поддржувачи и следбеници. И да не го заборавам тука Бане и КОМА – Дизајн Студио, со кои толку се поврзавме, што денес мислам дека без нив не ќе можевме.
Тоа што го имаме денес се податоци добиени од 30.000 ученици, што е силно сведоштво за тоа како живееле нашите млади во изминатиот период и што значи да се биде адолесцент во Северна Македонија денес.
Оттука и наша голема обврска и одговорност е да ги слушнеме пораките на децата за нивните размислувања и искуства на прашањата што им ги поставуваме. Обврзани сме да ги чуеме и да ги поттикнуваме да земат што поголемо учество во истражувањето, во споделувањето и во креирањето подобри услови за сопствениот живот и развој, со наша поголема поддршка, наместо исклучиво да се обидуваме да ги коригираме. За тоа да се случи потребен е безбеден и отворен простор, тие да можат да кажат што имаат – што и да е тоа – и да бидат слушнати и почитувани, како еднакви страни во дијалогот. Студијата е токму тој простор, затоа што не ги третира децата како субјекти кои треба да бидат истражувани, туку како рамноправни партнери во креирањето бази на податоци, со висока вредност и моќ да влијаат на политиките.
Студијата континуирано гради етос по повод сите ранливи и горливи прашања врзани за животот на младите. И тоа треба да го знаеме кога имаме дилеми околу прашањата што им ги поставуваме. Затоа што тој етос сме го изградиле со нив и сме обврзани да го почитуваме, во нашата земја и секаде во светот.
Не е едноставно да ги прашате децата за насилствата врз нив, во врсничката група, во партнерските релации, или во семејствата – а, ги има – или за нивните сексуални искуства, за искуствата на злоупотреба, или за тоа дали се осамени и колку страдаат – а, страдаат… Тоа се нивни теми и треба да се отвораат, зашто децата за нив најчесто не разговараат, ни дома, ни во училиште, а уште помалку меѓу врсниците. И чекаат некој токму тоа да ги праша. Во спротивно бргу заклучуваат дека никому не му е гајле за нив. Брзи се, импулсивни и нетрпеливи кога ги немаат одговорите на своите горливи прашања и кога ја немаат самодовербата да се обратат некому за помош или него едноставно го нема. Тоа треба да го превенираме кога ги отвораме овие теми, а и да се подготвуваме како да разговараме за нив – со децата. На тој и таков контакт и учество мислам кога зборуваме за унапредување на менталното здравје на младите.
Ментално здравствените проблеми на нашите деца и млади се во постојан пораст, особено меѓу адолесцентите. Тоа го потврдуваат и резултатите од претходните циклуси во 2014г. и 2018г., со особено голем скок во периодот по пандемијата со КОВИД-19, во кој 53% од девојчиња (15г.) изјавуваат дека најмалку еднаш или повеќе пати неделно чувствуваат нерасположение, по што се повлекуваат и изолираат, или масовно земаат лекарства или други супстанци за смирување.
Поддршката од возрасните, од друга страна, со возраста опаѓа наместо да расте, што е показател дека и на возрасните им треба помош за да ги разберат децата, нивните потреби и права. Овие прашања се од највисок приоритет на листата на здравствени теми за учениците со далекусежни последици по квалитетот на нивните животи.
Реализирана во училиштата по строг протокол на анонимност, доверливост и покажан респект кон важноста на учеството на секое поединечно дете, Студијата ги отвора овие теми, создавајќи од училиштето безбеден простор за секој ученик да може да ги сподели своите ставови, грижи и искуства. Притоа и да одлучи дали и колку ќе учествува. Тоа е просторот на меѓусебната доверба меѓу децата и возрасните, што ни е потребен на сите, и допрва треба да се гради.
Има ли и во што е иднината на оваа истражување? Таа е секако во овие млади, посветени и амбициозни луѓе, истражувачи, универзитетски професори, практичари. Со нив и со сите поминати искуства, Студијата е во сигурни раце… но ни тие не можат сами.
Уште многу нешта има што можат да се направат за Студијата ХБСЦ да продолжи да се надградува и расте. Таа има огромен, сѐ уште неискористен потенцијал – од точни увиди во состојбите, нивно следење и подобрување, преку помош во политиките и реформите во сите сфери на детската грижа и заштита, до јакнење на истражувачките капацитети на цели институции… Она што ни недостига е зрелост и автентичниот интерес за научно-истражувачката работа и евиденција, без кои не може да напредува ниту една заедница. Тоа што го имаме е голем капитал и не смее да пропадне поради непрепознавање или негрижа.
Единствено што посакувам е овие искусни истражувачи да бидат препознаени од заедницата и незините институции – тие самите да им пријдат и да ги побараат и да им понудат многу подобри услови за нивната истражувачка работа, за таа да ги заземе вистинските место, смисла и вредности што ѝ припаѓаат.
И сосема на крајот, голема благодарност и до сите останати, а ги има многу, вклучително и училиштата, кои несебично и континуирано придонесуваа, низ сите овие години, кон одржливоста на ова истражување.
24.11.2022
Скопје
Лина Ќостарова Унковска
Главен истражувач и координатор на студијата ХБСЦ за Северна Македонија
Напишете коментар