пишува: МАЈА ЦВЕТАНОСКА
Отпорот на родителите да се вратат децата во училиште е базиран на нивниот оправдан страв за безбедноста и здравјето на своите деца и најблиските. Стравот ги поттикнува на акција да ги заштитат своите деца со тоа што се организираат и јавно го искажуваат своето мислење дека се за онлајн настава (и покрај сите недостатоци со кои се соочија).
Сепак, ако зборуваме за безбедност и добросостојба, треба да го прошириме погледот и зад грижите поврзани со пандемијата – со останувањето дома многу деца се полесни жртви на семејно насилство, децата кои немаат можност да следат онлајн настава се најсиромашните и најзагрозените, кои со немањето пристап до образование остануваат во кругот на сиромаштијата. Децата со попреченост и онака имаа големи пречки во пристапот до образование, а со останувањето дома уште повеќе, па така наместо да стекнуваат знаења и вештини кои ќе им овозможат подобра интеграција во општеството, тие остануваат целосно зависни од своето семејство, кое честопати е истоштено и немоќно.
Од исклучителна важност е стравот на родителите и наставниците да се адресира со образложување на конкретните мерки кои системот е подготвен да ги спроведе за да ги заштити децата, вработените во училиштето и посредно, целото население, но и со отворање на вратите за учество на родителите во овој процес и заедничко носење на одговорноста.
МОН треба да образложи зошто е подобро да се вратат децата во училиште и зошто онлајн наставата не може да ја замени наставата во училница (социјализација, ментално здравје, безбедност на децата) на начин кој ќе допре до сите родители.
МОН треба да информира колку и како ќе инвестира (буџетски – реновирање на тоалети, опрема на секоја училишна зграда со потребните средства за дезинфекција, ознаки за движење и држење дистанца, маски, визуелен материјал кој ќе им помага и на децата и наставниците да ги почитуваат мерките; во човечки ресурси – поддршка на училишниот кадар за тоа како да ги воведат децата во новата реалност и да ги мотивираат да ги почитуваат мерките на соодветен начин за секоја возраст).
Училиштата треба да се отворат, како што се отворија сите други места од јавен карактер, бидејќи животот продолжува и покрај пандемијата. Ако економијата мора да продолжи, образованието уште повеќе. Клучно е како ќе продолжи животот, а единствено сигурно е дека не може како пред пандемијата. Дали ќе биде подобро или полошо не знаеме, ама сигурно можеме да се потрудиме да биде безбедно најмногу што можеме, како што тоа со месеци го прави медицинскиот персонал, вработените во продавниците, рестораните, кафичите. Важно е да си создаваме услови за креирање и самореализација, бидејќи така ќе го зачуваме и унапредуваме нашето ментално здравје. Стравот е само аларм кој треба да ги активира нашите системи за адаптација на нови услови. Треба што побрзо да ги идентификуваме нашите лични потреби и стилови за адаптација, бидејќи општите препораки веќе постојат – да носиме маски и да се држиме на растојание од 2 метри.
Нашите шанси за поквалитетен живот во услови на пандемија се во поголемата информираност и свесност за личната одговорност (како ќе го подготвам моето дете да живее во услови на пандемија), емпатија (има семејства кои не можат да ги поддржат своите деца во онлајн наставата, што ако ние бевме едно од нив?), солидарност (што можам да направам за другите на кои им треба помош и како да бидам модел за своето дете да биде осетливо и за другите), грижа за себе и другите (како да живееме безбедно, без да се плашиме).
Ова е битка и на заедницата и на поединецот, истовремено. Личниот пример и заложба имаат огромно влијание врз нашите најблиски, а тоа влијание е најсилно кога станува збор за врската меѓу родителот и детето, а потоа и меѓу наставникот и детето. Затоа, важно е родителите да останат стабилни фигури за своите деца (со помош од своите најблиски, а и стручната помош е на располагање), да го контролираат сопствениот страв со тоа што ќе преземат конкретни и разумни акции за заштита и ќе бидат првиот модел за своето дете како треба да ја прифатат оваа реалност, како да се заштитат и како да продолжат да бидат деца. Наставниците и вработените во училиштата можат да креираат услови за да ги воведат децата во новата реалност и да ги поттикнат да ги почитуваат мерките на соодветен начин за секоја возраст.
Ајде, можеме заедно, со знаење, со сочувство и грижа. И со инвестиции во образованието.
Напишете коментар